Скопје, 1 јули 2009
Денес, 1 јули 2009 година, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Зоран Ставрески, го прими заменик министерот за економија на Народна Република Кина, г. Јианг Зенгвеи. Во делегацијата предводена од кинескиот заменик министер за економија, беа високи претставници од департманите за европски прашања, надворешна трговија, странска помош и околу 30 кинески бизнисмени кои учествуваат на Македонско – Кинескиот Бизнис Форум, што денес се одржува во Скопје.
Вицепремиерот Ставрески ја истакна важноста на континуираната поддршка која Народна Република Кина и ја дава на Република Македонија на меѓународен план, а особено поддршката за уставното име на Република Македонија.
На кинескиот заменик министер за економија му беа презентирани спроведените економски реформи насочени кон подобрување на бизнис климата, вклучително ниските и рамни даноци, поедноставување на регулативата со Регулаторната гилотина, подобрување на инфраструктурата, модернизација на образовниот систем и инвестициите во развојот на информатичкото општество.
На средбата вицепремиерот Ставрески ги посочи можностите за соработка во проекти од областа на инфраструктурата, посебно преку доделување на концесија за изградба на патишта, железници, изградба на хидроцентрали и други енергетски објекти. Истовремено, ги нагласи и можностите за зголемување на соработката во областа на земјоделието.
Како приоритет на надворешен план, беше издвоено членството на Република Македонија во НАТО и во ЕУ.
Кинескиот заменик министер, од своја страна, ја реафирмираше цврстата поддршка на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ под нејзиното уставно име. Притоа, ги поздрави реформите на Владата за подобрување на вкупната бизнис клима, посебно задржувајќи се на погодностите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони. Исто така, ја потенцираше важноста на соработката помеѓу бизнис заедниците на двете земји и го изрази интересот за унапредување на соработката и на полето на туризмот, афирмирајќи ја Македонија како атрактивна туристичка дестинација помеѓу кинескиот народ.
На средбата, двајцата соговорници го реафирмираа ставот за консолидација на пријателството, унапредување на билатералните односи во областа на економијата, трговската размена, образованието и високата технологија.
Вицепремиерот Ставрески ја потенцираше важноста од поголема промоција на Република Македонија на кинескиот пазар преку саемски претставувања, надополнето со поголемо присуство на кинески инвеститори во нашата земја.
Во таа насока, кинескиот заменик министер го изрази интересот на кинеските инвеститори за Република Македонија, особено во транспортниот и машинскиот сектор и информатичката технологија. По потпишаниот Меморандумот за соработка, заедничка компанија формирана од кинеската Haier и корејската Triview, во скоро време ќе започне со реализација на проектот за инвестирање во ТИРЗ во производство и склопување на LCD телевизори, персонални компјутери и лаптопи.