26.06.2009 год.
Во Стопанската комора на Македонија денеска се одржа основачко Собрание на новоформираната Комора на консултанти и обучувачи, која е прва од ваков вид во Македонија, но и во регионот.
По повод основањето на комората, на денешното собрание се обрати вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески кој рече дека верува оти функционирањето на комората ќе придонесе за подобрување на бизнис климата во земјава.
Според него на македонскиот пазар му недостуваше организација од овој вид која главно ќе служи за посредување меѓу приватниот сектор, стопанството и образовните институции.
- Факт е дека се уште постои голема разлика меѓу вештините и знаењата што се стекнуваат во образовните институции и оние што се бараат на пазарот на работна сила. Токму за надминување на овој јаз придонес треба да даде приватниот сектор и неговата соработка со универзитетите, рече вицепремиерот Ставрески.
Тој истакна дека Владата и натаму ќе дава поддршка на сите натамошни иницијативи за формирање на ваков вид организации кои покрај останатото ќе служат за продлабочување на соработката и зајакнување на економијата.