22.06.2009
Продлабочување на соработката, интензивирање на бизнис контактите, иницирање средби, договорање заеднички проекти, промоција на нови компании, производи и инвестициски поволности, се само некои од предвидените активности на Словенечко-македонскиот деловен клуб што денеска во Љубљана беше и официјално промовиран.
Клучни за унапредување на стопанските односи меѓу Македонија и Словенија, остануваат секторите енергетика, туризам, прехранбена индустрија, градежништво, информатика, фармација, логистика и финансии.
- Словенија е исклучително значаен, стратешки економски и политички партнер на Македонија што ќе ја отвори вратата за македонските производи не само на европскиот, туку и на пазарите во Русија и во трети земји, рече вицепремиерот Зоран Стварески во обраќањето пред бизнисмените.
Според него, Деловниот клуб е можност за привлекување словенечки инвеститори во Македонија, но и за што поголемо учество на македонските компании во Словенија.
- Имаме добри фирми и производи кои можат да се најдат на овој пазар и се барани од словенечките потрошувачи. Не гледам ниту една причина со оглед на сите досега потпишани договори, драстично да не се зголемни извозот што, пак, ќе помогне да се намали дефицитот, односно да имаме помал одлив на девизни средства, истакна Ставрески.
Неговиот словенечки колега Митја Гаспари напомена дека во услови на криза е важна соработката со деловни субјекти од други земји што ќе бидат потенцијални пазари и ќе овозможат зголемување на трговската размена.
- Словенија и ги нуди своите можности, искуства и знаења на Македонија и ја поддржува на патот кон ЕУ да чекори економски силна, рече Гаспари.
Македонија е перспективен пазар и значајна бизнис дестинација за Словенија, оцени македонскиот амбасадор во Љубљана Самоил Филиповски, посочувајќи дека директното портфолио за инвестиции постојано се зголемува.
- Во 2006 година инвестициите се зголемени за 18,65 отсто во однос на 2005, а во 2007 за 30,88 проценти споредбено со 2006. Годинава се очекува Словенија да биде на првото место според вложените директни странски вложувања во Македонија, нагласи Филиповски.
Заедничка беше констатацијата дека визната бариера, неефикасната администрација и сложените процедури се клучните проблеми на македонските бизнисмени при остварувањето повисоко ниво на размена. Врз размената значително се одрази и финансиската криза.
- Годинава рецесијата го направи своето. Увозот на словенечките производи и услуги во Македонија се намали за 12 отсто и обратно, од Македонија во Словенија опадна за 40 проценти. Сепак, тоа фијаско ќе се подобри, рече претседателот на словенечката Стопанска комора Зденко Павчек.
Во Словенечко-македонскиот деловен клуб засега членуваат околу 60 компании. Претседател е Марјан Шифтар, поранешен амбасадор на Словенија во Македонија, на чија сугестија беше договорено средбите да се одржуваат еднаш месечно.