Скопје, 11 јуни 2009
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Ставрески, денес, во својство на претседавач ја оддржа втората седница на Управниот комитет на Проектот „Поддршка во подготовката на Националната стратегија за одржлив развој на Република Македонија„.
На седницата присуствуваа министрите за животна средина и просторно планирање, финансии, транспорт и врски, образование, здравство, локална самоуправа, труд и социјална политика, замениците министри за економија и животна средина и просторно планирање, претставници од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка – СИДА, МАНУ и Движењето на екологистите, како и експерти кои учествуваа во изработката на Националната стратегија за одржлив развој за периодот од 2008 до 2030 година.
Проектот се имплементира од почетокот на 2006 година со поддршка на Амбасадата на Кралството Шведска и на Шведската Агенција за меѓународна соработка и развој, при што до крајот на овој месец се очекува успешно да заврши и да се презентира во јавноста.
Националната стратегија за одржлив развој на Република Македонија предвидува интегриран начин на планирање во сите сектори. Таа преставува основа на сите други политики и стратегии во различни сфери. Ги почитува веќе поставените стратешки правци во различни сектори, а обезбедува и силни меѓусекторски врски неопходни за одржливиот развој.
Со изработката на Националната Стратегија за одржлив развој, Владата демонстрира целосна посветеност кон Стратегијата за Одржлив развој на Европската Унија, но истовремено, преку неа, Македонија се приклучува кон глобалните текови за одржлив развој.
Од страна на Управниот комитет на седницата беа презентирани и усвоени Извештајот за прогрес на работите за периодот од 01.01.-31.06.2007, Рамката за одржлив развој, Завршниот извештај на проектот како и Предлог Националната Стратегија за Одржлив развој на Република Македонија.