Скопје, 1 јуни 2009
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Ставрески, вчера, 1 јуни 2009 година, во својство на претседавач ја одржа третата седница на Советот за рамномерен регионален развој.
На седницата присуствуваа министрите за локална самоуправа, финансии, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање, труд и социјална политика, замениците министри за земјоделство, шумарство и водостопанство, економија, претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа, како и претседатели на Советите за развој на планските региони и претставници на Бирото за регионален развој.
Седницата започна со утврдување на новоизбраните претседатели на осумте планските региони: Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски регион.
На седницата Советот ги донесе Предлог-одлуката за определување на подрачјата со специфични развојни потреби во Република Македонија за периодот од 2009 до 2013 година, како и Предлог-одлуката за поблиските критериуми и индикатори за определувања на подрачјата со специфични развојни потреби.
Советот ја усвои и Нацрт-стратегијата за рамномерен регионален развој за периодот од 2009-2012 година, на која тим од експерти работеше во изминативе две и пол години. Стратегијата има долгорочна цел во наредните 10 години да се постигне рамномерен и одржлив развој на целата територија на Република Македонија, во насока на развивање на современи и модерни плански региони, кои ќе нудат квалитетни услови за живот.